Денеска е Светски ден на толеранцијата

Светот денеска го одбележува Меѓународниот ден на толеранцијата 16-ти ноември.

Според Комисијата за заштита од дискриминација овој ден претставува можност за секој граѓанин да се декларира за толерантно општество без насилство, во кое се почитуваат човековите права.

Комисијата повикува на почитување на различностите и ги охрабрува граѓаните да поднесуваат претставки за дискриминација со цел нејзино намалување и подигање на свеста за почитување на човековите права, толеранцијата и дигнитетот на човекот кои му гарантираат сигурен и безбеден живот без насилство, омраза, непочитување и понижување.

– Да придонесеме кон градење на општество во кое владее мирот, толеранцијата и љубовта, наведува во пораката Комисијата.

По повод Меѓународниот ден на толеранцијата Коалицијата на невладините организации: Уметност на живеење Македонија, Здружение за развој на вредностите на  Обединетите нации –  СУНА Скопје, НВО Арт Лајф,  преку манифест укажува дека толеранцијата е услов за мир, бара слободен проток на идеи, квалитетно образование за сите, почитување на човековите права, како и разбирање на различноста на културите.

– Во нашиот заеднички свет, промовирање на толеранција е начин да се изгради хармонија помеѓу различноста која ќе обезбеди подобра иднина. Затоа сите треба да тежнееме кон негување на човековите вредности, меѓуверско почитување, создавање единство меѓу народите, потикнување на социјална одговорност, со еден збор обединување на светот во едно семејство, наведува  во манифестот коалицијата на невладини организации.