Денеска е Светски ден на водите

Република Македонија е во групата земји во светот со многу висок пристап до безбедна вода за пиење. Во 2014 година пристап до безбедна вода за пиење имаат 97 проценти од населението во државата, наспроти 95 отсто во 2010, соопшти Институтот за јавно здравје на Република Македонија (ИЈЗРМ) по повод Светскиот ден на водите – 22 Март, пренесе МИА.

Во Извештајот за квалитетот на водата за пиење во Република Македонија за 2014 година на Институт се посочува дека 1,3 милиони жители т.е 63,1% од популацијата во државата се снабдува со вода за пиење од централни водоснабдителни системи, управувани од јавни комунални претпријатија кои ги исполнуваат законските обврски во однос на обезбедување и контрола на здравствената исправност на водата за пиење. Останатите 10,34% се приклучени на градски водоводи, 22,7% во селските населби се снабдуваат од локални јавни водоснабдителни системи, со кои не стопанисува секогаш јавно претпријатие, а 3,86% од локални водоснабдителни објекти (јавни чешми, бунари, извори, пумпи и други индивидуални водоснабдителни објекти).

– Пристапот до безбедна вода за пиење изнесува 97% и ја категоризира Република Македонија во групата земји во светот со многу висок пристап, што не ја намалува заложбата на земјата да го подобри пристапот до безбедна вода за пиење до 98% во 2020 година, се вели во соопштението од ИЈЗ.

„Без вода нема одржлив развој!“ е пораката со која ОН годинава ќе го одбележи 22 март – Светскиот ден на водата. Во Македонија Светскиот ден на водата, денеска ќе биде одбележан по шести пат во организација на Институтот за јавно здравје во соработка со Кат продукција.

Пораката од нашата држава од Школка во Градскиот парк во Скопје ќе ја испратат Институтот за јавно здравје заедно со производителите на пакувана вода Пелистерка, Кожувчанка, Добра вода и Визијана, децата од креативниот центар Ѕвезда, и посетителите на настанот.

По тој повод се организирани повеќе активности кои паралелно ќе се одвиваат од 11 до 14 часот, а за таа цел се подготвени летоци со податоци за состојбата со безбедна вода за пиење во светски размери и корисни и едукативни информации за значењето на водата за здравјето на луѓето.

Ликовната работилница ќе биде отворена за сите деца кои ќе дојдат на манифестацијата и ќе посакаат да творат на тема ВОДА, а најдобрите творби ќе бидат подарени во Домот за деца „25 мај“.

Подготвен е и перформанс „Да се грижиме за иднината, да се грижиме за водата“ преку кој ќе се пренесат пораките за значењето на водата за здрав живот и препораки како да се грижиме за да не ги исцрпиме ресурсите на безбедна вода за пиење. Децата од креативниот центар Ѕвезда, хорчето Децата на Скопје, балетското студио Еурека, водителката Изабела Новотни, Викторија Лоба и група артисти со Снежана Конеска Руси преку песна, игра и забава ќе ги едуцираат најмладите како да се грижат за иднината грижејќи се за водата.

Чистите раце можат да ви го спасат животот, препорачуваат превентивците.

Манифестацијата ја збогатуваат и производителите на пакувани води за пиење, кои на своите штандови ќе ги презентираат своите производи, а посетителите на настанот ќе имаат можност да ги пробаат брендираните води од домашните производители.

Обединетите нации секоја година иницираат масовни манифестации ширум светот по повод Светскиот ден на водата.