Македонија

Денеска е Светскиот ден на мирот

Денеска е Светскиот ден на мирот

По повод одбележување на 21 септември, Меѓународниот ден на мирот, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, организира Марш за мир од пред Спомен куќата на Мајка Тереза.

-Дојдете на Марш за мир – особено ако не ви се доаѓа, ако не ви се допаѓа името, ако не верувате дека до мир се доаѓа со одење. Дојдете и ако ви се допаѓа идејата. Ова не е марш за мирот и е Марш за мир. Ова е знак дека не боли неправдата, насилството во училиштето и семејството, недостатокот на солидарност, корупцијата и клиентелизмот. Не боли страдањето во Газа и војните во Украина и Сирија. Не боли немилосрдното сечење на шумите во Амазонија, не боли што „развитокот„ доведе до климатски промени и поплави, стои во повикот на „Меѓаши“.

-Одиме затоа што не сакаме да седиме. Одиме затоа што така сме повеќе заедно. Одиме затоа што сакаме да се радуваме едни со други. Не ве викаме на жалопојки и безнадежност, ве викаме да се придружите на милиони луѓе со кои заедно во недела ќе ја одбележиме нашата потреба за мир. А мир за нас е весело училиште во кое децата се одгледуваат да бидат одговорни и самостојни граѓани и граѓанки а не послушни потрошувачи, мир е за нас етничка различност како богатство, мир е кога не даваме добротворнапомош на сиромашните туку работиме да нема сиромаштија. Слободни медиуми се мир за нас, одговорни и од граѓаните контролирани политичари, повеќе жени на одговорни позиции, сето тоа е мир за нас.

Ако не се согласувате со нас, исто така дојдете. Мир не е едноумие туку постојан дијалог и борба и конфликт – но со почитување и без насилство. Дојдете заедно да се радуваме и да кажеме Марш на празниот збор „мир„ а добредојде на соработката и љубовта, повикува организаторот.