Денеска гласа дијаспората, затворениците, болните…

Денеска во Македонија е изборен молк во пресрет на петтите претседателски избори во Македонија. Дијаспоратата, затворениците, лицата во притвор, раселените лица, како и болните и изнемоштени лица денеска го даваат својот глас за идниот претседател на Македонија и негов петгодишен мандат.

За прв пат дијаспората ќе може да гласа за претседател на земјата. Од вкупно 8.332 пријавени лица за гласање во дијаспората во Изборната единица 7 кој ја опфаќа Европа и Африка на гласање треба да излезат 5.892 избирачи, во ИЕ 8 (Северна и Јужна Америка) – 1.426 и во ИЕ 9 (Азија и Австралија) – 1.014. Гласањето во избирачките места се одвива од 7 до 19 часот, согласно временската зона во земјата, во 34 избирачки места во дијаспората од вкупно 47. Во 13 избирачки места беа пријавени помалку од 10 гласачи.

ИЕ 7 Европа и Африка има 25 избирачки места, а гласање во три избирачки места има во Германија каде има 501 пријавен за гласање, и тоа во Минхен – 174, Берлин – 200 и Бон – 127. По две избирачки метста има во Италија и во Турција. Во Италија треба да гласаат 2113 македонски државјани. Во амбасадата во Рим се пријавени за гласање 211, а во конзулатот во Венеција 1.902 македонски државјани, најмногу во дијаспората воопшто. во Република Турција и тоа во Анкара и во Истанбул каде ќе гласаат 162 македонски државјани.

Гласање има и во Берн каде има 514 пријавени избирачи, во Прага – 155, во Сараево – 17, Подгорица 108 и Париз 136, во Стокхолм – 101, Брисел-98, Копенхаген-49, Хаг-75, Лондон -166, Тирана-717, Виена-195, Софија-10, Загреб-15, Приштина-96, Љубљана-410, во Белград-241 и во романскиот главен град Букуреш, каде се пријавени 13 македонски државјани.

Во ИЕ 8 што ги опфаќа Северна и Јужна Канада ќе се гласа на вкупно шест избирачки места, две во Канада и четири во САД. Во Канада се пријавени 440 македонски државјани и тоа 27 во Отава и 413 во Торонто. Во САД има 986 пријавени македонски државјани за гласање. Во Вашингтон има 40 пријавени, во Детроит 295, во Чикаго 209 и во Њујорк 442.

Во ИЕ 9 што ги опфаќа Австралија и Азија гласање ќе има во три избирачки места во Австралија и во Кина. Во Австралија има две избирачки места со 999 пријавени македонски државјани за гласање. Во Канбера предвидено е да гласаат 296 македонски државјани, а во Мелбурн 703. За гласањето во Пекинг има 15 пријавени македонски државјани.

Избирачите кои се наоѓаат на издржување на казна затвор или се во притвор гласаат во казнено-поправните домови од седум до 19 часот, додека оние кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор гласаат онаму каде што ја издржуваат оваа мерка. Триесет и деветте лица со статус на внатрешно раселени денеска од 7 до 19 часот ќе гласаат во ученичкиот дом Домот „Здравко Цветковски“.

Во средата гласаа и 294 членови на избирачките одбори кои го спроведуваат денешното гласање во ДКП-ата и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство.

На петтите претседателски избори во земјата право на глас имаат 1.779.572 избирачи кои треба да гласаат на 3.480 избирачки места во Македонија и 34 во странство.

Доколку утре Македонија не го добие својот нов претседател, вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи две недели подоцна, односно на 27-ми април за кога е закажан првиот круг од вонредните парламентарни избори.

Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија, во 1994, 1999, 2004 и 2009 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.