Денеска ќе биде пуштен во употреба патот до „Св. Јован Бигорски“

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска ќе го пушти во употреба рехабилитираниот локален пат што го поврзува манастирот „Св. Јован Бигорски“ со регионалниот пат Маврово – Дебар.

На пуштањето на делницата од спојот со регионалниот пат до манастирот, ќе присуствува и директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Станува збор за рехабилитација и реконструкција на локален пат во должина од околу еден километар. Патот е асфалтиран, извршено е проширување на сите кривини и изведен е потпорен ѕид во должина од 60 метри. Просечната ширина на коловозот е околу шест метри.

Инвестицијата за градежните работи изнесува околу девет милиони денари, обезбедени од заемот од Европска банка за обнова и развој.