Денеска ќе се одржи дваесет и осмиот Пливачки маратон во Охрид

Дваесет и осмиот Пливачки маратон ќе се одржи денеска во Охрид. Рутата е од од манастирот „Свети Наум“ до градското пристаниште во Охрид.

Патеката е долга 30 километри, а на маратонот точно напладне ќе запливаат 16 мажи и шест жени од Казахстан, Бразил, Аргентина, Италија, Белгија, Франција, Македонија, Германија, Чешка, Хрватска, Русија, Шпанија…

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов ќе ги додели наградите. Наградниот фонд за 28-от Пливачки маратон е 10.000 долари.

Охридскиот пливачки маратон е во организација на Меѓународната пливачка организација – ФИНА, главен организатор е Пливачката федерација на Македонија, а техничката организација е на општина Охрид и Капетанијата на пристаништата.

Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид бил одржан во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри. Победник на овој маратон бил египјанецот Абу Хеиф, а третото место му припаднало на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победила неговата сестра Атина Бојаџи.

Годинава се навршуваат 60 години од првиот организиран маратон во Охрид, во 1954 година, на релација Горица – Охрид во должина од 2,5 километри, каде учествувале осум натпреварувачи. Победник на овој маратон бил Нико Нестор.