Денеска почнува проектот „Ало докторе“

Со проектот на Владата „Ало докторе“, кој ќе започне од денеска, граѓаните ќе можат со јавување на телефонскиот број 15-123 да се консултираат за определена здравствена состојба или симптоми што ги чуствуваат.

Во проектот, како што информира во саботата министерот за здравство Никола Тодоров, се вклучени доктори специјалисти со најмалку 10 години искуство што е различно од диспечерите кои се јавуваат во Итната медицинска помош кои што се општи лекари, а дел од специјалистите се и штотуку пензионирани доктори.

Појасни дека во проектот се вклучуваат сите директори од скопските клиники и здравствените установо во градот кои што ќе работат по една смена во месецот во кол-центарот „Ало докторе“ по четири часа.

– Тоа значи дека секој ден од 18 до 22 часот ќе има по еден доктор, кој што е директор во некоја од клиниките, односно специјалист или доктор на науки со огромно искуство, кој ќе прима повици и ќе дава совети на граѓаните кои што сметаат дека имаат потреба да се јават на овој телефон, рече Тодоров.

Директорката на Здравствен дом Скопје Татјана Баевска-Вучковиќ појасни дека преку овој број граѓаните од цела Македонија ќе можат да добијат соодветна здравствена услуга преку здравствен совет, симптоматска терапија или пак повикот да биде препратен до итната медицинска помош.

Кол-центарот за проектот „Ало докторе“ се наоѓа во Итната медицинска помош до поликлиника Букурешт.