Денеска пресуда за „Монструм“

Основниот Суд Скопје 1 денеска во 11 часот треба да ја изрече пресудата за петкратното убиство на Смилковското езеро за Велигден во 2012 година. Изрекувањето на пресудата за случајот „Монструм“ требаше да се случи пред десетина дена, но поради болест на судијата, Ивица Стефонвски, истата беше одложена.

Според обвинението, обвинетите во овој случај се соочуваат со казни затвор од 10 години до доживотен затвор. Обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се уште не се екстрадирани од Косово, каде што одлежуваат казна затвор за недозволено поседување оружје.

Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута се обвинети за петкратното убиство кое на на 12 април 2012 година, Велики четврток, се случи кај Смилковското Езеро. Седуммината обвинети се товарат за тероризам. Според обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните.

Судењето почна на 20 декември 2012 година.