Денеска протест за заштита на Водно

И покрај десетината средби кои граѓанската иницијатива Го сакам Водно ги имаше со претставници на Владата, на град Скопје и МЕР, извршната власт не се предомисли во однос на реализација на планот за изградба на гасовот по сртот на планината. Поради константното игнорирање на ставовите и барањата на граѓаните, Водно да биде заштитено, принудени сме да го браниме со сите средства кои како граѓани ни стојат на располагање, велат активистите и повикуваат на денешниот протест насловен како „Не низ Водно“ во 10,30 часот на врв на Водно под Милениумскиот крст.

Сечењето на шумата по сртот и уништување на биодиверзитетот за изградба на дел од гасоводната траса кон Тетово, Гостивар и Косово, со опасност од формирање на сериозни свлечишта кои ќе го загрозат животот на жителите на селата во подножјето на Водно, за власта не претставува никаква закана за природата и луѓето, велат активистите.

„Иако, во неколку наврати им докажавме дека податоците со кои располагаат за трасата и штетата која ќе биде причинета на Водно, кое инаку е заштитено подрачје, се погрешни, како и дека постои и е можна алтернативна траса по северната страна, Владата останува на ставот, Водно да биде жртвата на лошата стратегија во секторот на животната средина“, соопштуваат од граѓанските иницијативи.

„Што не низ Водно? Не за планираниот гасовод низ Водно, туку надвор од Водно.

Зошто не низ Водно? Затоа што има други алтернативи, од кои 4 студии кои се разгледувани надвор од Водно. Најубавите патеки се уништуваат. Сртот ќе наликува на булевар. Деценсиски стари шуми ќе се исечат. Ќе се појават свлечишта кои може да загрозат и животи. Парк шума Водно е заштитено подрачје со децении и мора да се стави крај на градежни активности низ него. Огромен број на нерегуларности во целата постапка. Затоа што Водно е нашето единствено прибежиште од градскиот хаос и скопското загадување!

Можеби Скопје е празно, можеби е пекол, но Водно заслужува да се одбрани“, се вели во апелот на граѓанските организации Го сакам Водно, О2 коалиција за чист воздух, Стоп на загадувањето, Спас за Водно, Зелено Тафталиџе, Еко Карпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, Еко-свест, Фронт 21/42, МТБ Оксижен, I love hiking, Гоу грин, Green Power, Здрава котлина, Скопје смог аларм, Билка, Плоштад слобода и Сакаме Аеродром да дише.