Денеска рочиште за случајот „Монструм“

Во Кривичниот суд за утрово е закажано рочиште за случајот „Монструм“ кој се однесува на петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година. За првпат во судница како застапници на обвинението треба да се појават обвинители од СЈО, откако минатиот месец ова обвинителство го презема случајот.

– Се надеваме дека за рочиштето во април ќе бидеме подготвени за презентирање пред судот. Постапката продолжува во фазата во која се наоѓа предметот – изјави Катица Јанева на прес-конференција пред неполн месец.

Судењето за овој случај треба да почне од почеток, откако Врховниот суд во декември лани ги укина доживотните казни затвор на обвинетите Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот сè уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Минатото рочиште, кога предметот беше во рацете на Основното јавно обвинителство, беше одложено токму поради тоа што се чекаше СЈО да се изјасни дали ќе го преземе или не.

Одлагањето тогаш наиде на реакции од семејствата на жртвите.

„Знаевме“. „Срамота“. „Ова е политички пазар“. „Претходната власт ни ветуваше едно, оваа друго, Катица Јанева ни вети дека ова ќе и биде прв случај“. „Децата ни скапуваат во земја, шест години ни го прават ова“, беа дел од реакциите кои можеа да се слушнат во судница.

Минатата недела, на шестгодишнината од убиството, за случајот на новинарски прашања одговараше и премиерот Зоран Заев.

– Пред околу два месеци се видов со мајките на децата и членови на семејството и сите сме согласни дека случајот треба да се остави на судството – рече Заев.

Тој посочи дека и тие и сите засегнати со останатите спорни случаи, како со смртта на Никола Младенов и други, имаат право да ја знаат вистината. Но, потенцираше премиерот, ниту тој ниту кој било друг политичар не треба да алудираат да бидат обвинители. До каде се истрагите и што се случува со предметите, рече, треба да кажат истражните органи.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.