Денеска стигнува хуманитарна помош за Ирак

Велика Британија и Франција денеска ќе ја испратат својата прва хуманитарна помош на Ирак, каде што во саботата се продолжени воздушните напади на американската војска кон сунитските екстремисти на северот на земјата.

Американскиот претседател Барак Обама не објави колку долго ќе трае американската воздушна акција, но повторно ги повика ирачките власти да формираат влада на национално единство за подобро да се соочат со екстремистичката Исламска држава.

Шефот на француската дипломатија Лоран Фабијус денеска ќе го посети Ирак, каде што ќе ја надгледува испораката на хуманитарна помош за таа земја.

Францускиот претседател Франсоа Оланд касно синоќа најави испраќање на хуманитарна помош на раселените лица кои бегаат поради офанзивата на сунитските екстремисти.