Денеска во 15 часот, пресуда за спорот Груевски-Заев

Денеска во 15 часот ќе биде објавена пресудата за судскиот спор меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за случајот за продажбата на „Македонска банка“.

Во завршните говори полномошникот на тужителот Груевски, Никола Додовски, рече дека во овој случај се работи за една од најтешките облици на клевета сторени во нашата судска практика, а и не само во нашата.

„Тужениот, не само што не успеа да ја докаже вистинитоста на неговите изјави туку не успеа да докаже ниту дека имал основа да поверува во вистинитоста на тоа што го изјавил на неговите прес конференции, дури ни со доказите приложени од негова страна“, изјави Додовски.

Додовски уште еднаш нагласи дека целта на тужениот била само да ја уништи честа и угледот на премиерот Никола Груевски.

Полномошникот Додовски предлага во пресудата да се земе предвид добрата имотна состојба на тужениот кој според македонските стандарди е доста богата личност. Според анкетниот лист тој има банкарски депозит од неколку милиони евра. Во пресудата предлага да не се земе само неговата плата како градоначалник на општина Струмица која во месец мај изнесувала 62.504 денари.

Тужената страна предложи да не се земе исказот на сведокот Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини, бидејќи тој бил сослушан само по предлог на една од страните, а предлогот за негово сослушување од тужената страна беше погрешен.

Премиерот Никола Груевски го тужи за клевета, опозицискиот лидер Зоран Заев за аудиоснимката која тој ја презентираше за време на предизборната кампања на парламентарните избори кои се случија во април годинава. Заев секјдневно тврдеше дека Груевски зел мито и на криминален начин ја продал Македонска банка. Во текот на постапката се докажа спротивното. Главниот сведок, газда Нини, негираше дека некогаш разговарал со Груевски на оваа тема.

Груевски првенствено побара отштета од Зев во висина од пола милион евра, за вчера да ја намали оваа сума на 50 илјади евра.

Каков ќе биде крајниот епилог од спрот меѓу Груевски и Заев останува да дознаеме денеска по 15 часот.