Денеска започнува македонскиот куп во далечинско пливање

Со трки на Велешкото езеро, од денеска почнува спортската манифестација „Македонски куп во далечинско пливање“ што ја организира јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“.

На 30 август трките ќе продолжат на акумулацијата Козјак, а спортската манифестација ќе заврши на 17 септември со трки на Дојранското езеро.

Со цел да се поттикне пливачкиот спорт во Македонија, годинава ќе се одржат уште две дополнителни трки на 2.500 метри за деца на 13 и 14 години и на 5.000 метри за младинци до 17 години.

Победниците на трките во генерален пласман, покрај пехари и медали, ќе добијат и парична награда што ја обезбедува „Јасен“.

Досега се пристигнати над 60 пријави за трките, а најавено е учество и на македонските пливачи Томи Стефановски и Евгениј Попацев.

За време на манифестацијата, предвидено е да се одржат и промотивни трки со едрилици, регата со кајаци на мирни води и летови со параглајдери.

Покровители на манифестацијата се министрите за внатрешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство Гордана Јанкуловска и Михаил Цветков, а годинава како покровител е и директорот на Агенцијата за млади и спорт.

Минатата година на КУП-от учествуваа над 50 пливачи во сите категории, а трките ги следаа над 6.000 гледачи.