Денеска започнуваат Струшките вечери на поезијата

Започнува 53. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. Со традиционално читање на песната „Т’ га за југ“ пред Домот на поезијата и засадување на дрвце во паркот на поезијата во чест на јужнокорејскиот поет Ко Ун денеска ќе биде означен почетокот на фестивалот.

Фестивалот ќе се одржува пред Домот на поезијата и на отворени сцени во Струга до 24 август, а учесниците следните два дена ќе посетат и други градови низ Македонија.

На фестивалот освен од Македонија ќе учествуваат околу 50 поети од 34 земји.

Според програмата по свеченото отворање во предворјето на Домот на поезијата ќе се одржи меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“, а предвидени се и музичко – поетски перформанс, традиционалните „Ноќи без интерпункција“, симпозиуми на тема „Поезијата и политичкото“.

Предвидено е и меѓународно поетско читање „Матине“ кое ќе се одржи во предворјето на манастирската црква „Св. Богородица“ во Калишта, ќе биде промовирано и списанието „СУМ“, посветено на Струшките вечери на поезијата и проекцијата Поетски времеплов на МРТВ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.