Денеска започнува деветтата спортска „Гимназијада“

Деветтата спортска „Гимназијада“, започнува денеска во Охрид. Во следните три дена на оваа масовна манифестација ќе учествуваат околу 1.000 средношколци.

Ова денеска на прес-конференција го најави министерот за образование и наука Спиро Ристовски заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и претседателот на Федерацијата на училишни спортови Александар Туфекчиевски.

– Гимназијадата е одлична можност за социјализација на младите, но и можност за покажување на индивидуалните и колективните спортски квалитети, рече Ристовски.

Нагласи дека Министерството за образование и наука (МОН) од почетокот на овој проект дава поддршка за негова реализација бидеќи, како што рече, е дел од севкупните заложби на МОН за развој на училишниот спорт.

– Евидентно е дека на секоја наредна „Гимназијада“ настапуваат се подобро подготвени ученици и екипи, се детектираат нови и уште поголеми спортски таленти, затоа што значително се подобруваат и условите за спорт и спортски активности, рече Ристовски.

Во контекст на тоа, тој ја спомна изградбата на 39 целосно нови училишни спортски сали, како и воведувањето на училишните спортски игри во сите основни и средни училишта.

– Изработивме и акциски план за зголемување на бројот на ученици коишто се вклучени во овие натпреварувања, од сегашните 30.000 на повеќе од 100.000 ученици до 2016 година, нагласи Ристовски.

Директорот на АМС Марјан Спасески ја нагласи важноста на манифестацијата поради фактот за кој, како што рече, во време на брз технолошки развој, се помалку деца се занимаваат со физичка активност со што се зголемува ризикот за неправилен раст и развој.

– Токму во таа насока, како национален дом кој се грижи за развојот на спортот, секоја година одвојуваме околу 6 милиони денари за реализација на програмите на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, истакна Спасески.

Директорот ги повика љубителите на спортот да ги проследат натпреварите и нагласи дека најуспешните и најистакнатите учесници ќе бидат наградени со учество на летни кампови во времетраење од седум дена, кои ќе бидат организирани по завршувањето на натпреварите.

На 9-та „Гимназијада“ во Охрид на едно место ќе се соберат најуспешните екипи во ракомет, кошарка, мал фудбал, фудбал, одбојка и атлетика.