Дени Бојл се откажа од режијата на новиот Џејмс Бонд

Британскиот режисер Даниел (Дени) Френсис Бојл се откажа од режирањето на новото продолжени од серијалот за тајниот агент Џејмс Бонд, поради „креативни разлики“, соопшти во вторникот продуцентот на оваа мултимилионска филмска франшиза.

„Мајкл Вилсон, Барбара Броколи и Даниел Крег денеска објавија дека поради креативни разлики Дени Бојл решил дека повеќе не е режисер на филмот Бонд 25“, се наведува во соопштението на официјалниот 007 Twitter профил.

Во објавата не се наведуваат поединости за разликите, како ниту информација за тоа кој ќе биде новиот режисер.

Дваесет и петиот филм за агентот „во служба на Нејзиното величество“ и со „лиценца за убивање“, франшиза чиј сопственик е филмското студио MGM, во моментов е во предпродукција, а премиерата се очекува во ноември 2019 година.

Бојл го режираше филмот „Милионерот од улица“ од 2008 година кој доби осум Оскари, а во мај годинава беше објавено дека ќе го режира новиот Џејмс Бонд. Тогаш продуцентите Броколи и Вилсон изјавија дека се радосни бидејќи Бојл е „извонредно талентиран“.

Исто така, продуцентите објавија и дека Даниел Грег ќе го толкува ликот на Џејмс Бонд по петти пат, по „Казино Ројал“ (2006), „Зрно утеха“ (2008) и „Скајфол“ (2012). Продукцијата требаше да започне во декември во Лондон.

Франшизата Џејмс Бонд е една од највредните во филмската индустрија. Претходниот 24-ти филм за најславниот агент, кој беше многу фален од критиката а се појави под насловот „Spectre“ од 2015 година и го режираше Сем Мендес, заработи 880 милиони долари од прикажувањата во кино салите. Мендес го режираше и „Skyfall“ од 2012 година кој заработи повеќе од милијарда долари.

Епизодата „007:Spectrе“ требаше да ги заокружи темелите на трилогијата поставени со „007: Координати Скајфол“, како што тогаш беше најавено доколку постигне комерцијален успех, трилогијата ќе биде продолжена.

Премиерата на првиот филм за „тајниот агент 007 во служба на Нејзиното величество со лиценца за убивање“ се случила на 5-ти октомври 1962 година. Екранизацијата на шпионскиот бестселер на Јан Флеминг била толку успешна, што компанијата „EON Productions Ltd“, основана од продуцентите Алберт Р. Броколи и Хари Салцман, ги потпиша договорите за сите следни филмови од франшизата.

Во различни период насловниот лик го толкуваа Шон Конери, Џорџ Лезенби, Роџер Мур, Тимоти Далтон и Пирс Броснан.

Терминот „девојките на Бонд“ фановите на серијалот го употребуваат за актерките кои го толкуваат ликот на љубовниците или соработничките на агентот. Во изминатите повеќе од пет децении во оваа улога се појавија Урсула Андерс, Џејн Сејмур, Ева Грин, Олга Кириленко, Дениз Ричардс, Моника Белучи, Леа Сејду и други филмски диви.