Од утре до 29 мај во Белград ќе се одржуваат Денови на македонската култура, со наслов „Допирот на Македонија (Dodir Makedonije)“. Манифестацијата ќе биде отворена утревечер со изложба на Друштвото на ликовни уметници Македонци во Србија.
Во сабота, на вечер на македонска етно музика, ќе настапат гости од Македонија и изведувачи на македонска традиционална музика од Србија. Во недела ќе биде организирана ликовна работилница на која уметниците Ирена Дурлевиќ и Синиша Новески ќе цртаат со јавни личности од Белград.
За вторник е планирана поетска вечер „Везилка“ на македонски поети и нивни пријатели од Србија, а во среда ќе биде прикажан филмот „Балканкан“ на режисерот Дарко Митревски. Во четврток, 21 мај, пак, ќе биде организирана вечер на класична музика со македонски оперски солисти, а наредниот петок во Библиотеката на Град Белград ќе се одржи свечена академија за свети Кирил и Методиј.
Во галеријата „Прогрес“ на 25 мај ќе биде отворена изложба на скулптури на Синиша Новески, а манифестацијата ќе заврши на 29-ти месецов со Македонска вечер во Домот на армијата во српската престолнина.