Денови на македонската култура во Виена

Од денеска до 21 септември, во Виена, по повод 20 години сипломатски односи меѓу Македонија и Австрија, ќе биде претставена македонската култура, со гостување на Драмскиот театар-Скопје, Балетот на МОБ и Музејот на современа уметност.

Деновите ќе бидат отворени вечер во престижниот Акцент театар во Виена, каде што Драмски театар ќе ја изведе претставата „2012 – Последните Македонци“ по текст и режија на Сашо Миленковски.

Македонската современа ликовна сцена од 20 септември ќе биде презентирана на изложбата „Made in Macedonia – Brikolage“ во организација на Музејот на современата уметност. Изложбата ќе биде поставена во Амбасадата на Република Македонија во Виена. Ќе бидат претставени дела од Атанас Атанасоски, Жанета Вангели, Ива Димеска, Антони Мазневски, Дијана Томиќ-Радевска, Исмет Рамиќевиќ, Вана Урошевиќ, ОПА (Слободанка Сревческа, Денис Сарагиновски).

Наредниот ден, 21 септември, во познатиот Одеон театар македонската современа танцова естетика пред австриската  јавност ќе биде претставена преку балетската претстава „14 часа“ на Македонската опера и балет. Режисер е Наташа Поплавска, музиката ја напиша Кирил Џајковски, а кореографијата и сценографското идејно решение се на Игор Киров. Во балетското дело, во кое во 12 сцени се разработуваат женско-машките односи, настапуваат првенците на МОБ: Александра Мијалкова, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Васил Чичијашвили, Бобан Ковачевски, Игор Веланоски.

Настаните ги организира Министерството за култура кое до крајот на годинава најави гостувања и во Чешка и Јапонија, по повод две децении од воспставените дипломатски односи.

– И во 2014 година еден од приоритетите на Министерството за култура е македонската култура да биде  континуирано и видливо присутна во светските центри, на сите светски настани од областа на културата, на реномираните манифестации и фестивали. Македонската култура ќе биде претставена и во повеќе земји со кои одбележуваме  успешна билатерална соработка, соопшти Министерството за култура.