Денови на македонската поезија во Шведска

На новата сцена во Градската библиотека во Гетеборг денеска ќе биде одбележан 25-годишниот јубилеј на традиционалната културна манифестација Денови на македонската поезија во Шведска, јави МИА.

Јубилејното издание на оваа единствена манифестација од таков вид во редовите на македонската дијаспора во Западна Европа е поддржано од шведски институции и организации, како и од страна на Министерството за култура на Македонија и Агенцијата за иселеништво на РМ.

Во поетското читање ќе настапат петнасетина поети, а како гостин од Македонија ќе учествува Иван Антоновски, истакнат македонски поет од помладата генерација. Тој е автор на неколку поетски збирки, а со песни е застапен и во домашни и меѓународни поетски антологии и зборници.

– Во изминативе две и пол децении во програмата на манифестацијата учествувале голем број значајни творечки имиња од Македонија. Овојпат е поканет автор од помладата генерација, во чии рамки во последниве години се случуваат интересни бранувања кои се повеќе се наметнуваат во македонскиот книжевен простор и заслужуваат да бидат поддржани, вели Ивица Челиковиќ, секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.

По повод јубилејот денеска свое Годишно собрание ќе одржи Македонското поетско друштво „Дениција“ со седиште во Гетеборг, кое се грижи за програмските подготовки на манифестацијата.

Годинава 25-годишнината на Деновите на македонската поезија во Шведска со пригодни поетски читања ќе биде одблежана и во Стокхолм, на 25 мај во просториите на македонската Амбасада, како и наесен во Малме каде што оваа манифестација за првпат беше одржана пред две и пол децении.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.