Македонија

Денови на македонски производи, храна и вино во Токио

Денови на македонски производи, храна и вино во Токио

Преку 60 гости присуствуваа на манифестацијата „Денови на македонски производи, храна и вино” што ја организираше деновие македонската амбасада во Токио.

Меѓу гостите беа и големи дистрибутери на храна и пијалаци, како и претставници на ЏАЈКА, ЏЕТРО и Министерството за земјоделство и промоција на агрикултурни производи и други.

Амбасадата  презентираше македонски производи, храна и вино, а ги претстави и потенцијалите за инвестиции во делот на винската и прехранбената индустрија, винскиот и етно туризмот. Гостите имаа можност да дегустираат повеќе од 30 македонски производи од македонски фирми, како и преку 10 видови вина од различни винарии, пренесе МИА.

Првиот македонски амбасадорот на Република Македонија во Јапонија Андријана Цветковиќ се обрати пред гостите на јапонски и им порача лично да ја посетат Република Македонија, да се запознаат со нејзините убавини, вкусната храна, виното и потенцијалот за економска соработка.

За македонските производи (ајвар, мед, сирење, вино, ракија) се заинтересираа повеќето дистрибутери. Тие изразија интерес и истакнаа дека во периодот кој следува ќе ја посетат Република Македонија со цел воспоставување лични контакти со компаниите и разгледување на туристичките потенцијали на земјата, особено оние во делот на етно туризмот и винскиот туризам.

Во рамки на манифестацијата, вчера, денот беше посветен на традиционалната македонска кујна и беше наменет за медиумите. На настанот беа презентирани македонски национални јадења-тавче графче, сарма, пита, ајвар, шопска салата,… Презенитрани беа и македонски пијалоци и вина. Настанот го покрија повеќе медиуми меѓу кои најголемите –  НХК ТВ, Асахи, и Маиничи Весникот. Маиничи, кој е меѓу трите најголеми медиуми во Јапонија и единствениот со Пулицерова награда, за настанот ќе објави ексклузивен текст на тема „македонска храна и туризам“ на шест страни во печатеното издание кое ќе биде достапно и на интернет, пренесе МИА.

Првата македонска амбасада на РМ во Токио се отвори во 2013 година, а првиот резидентен амбасадор Андријана Цветковиќ ја презеде должноста во октомври 2014 година.