Денови на младата македонска проза во Софија

Од 27 до 29 април годинава во Софија – Република Бугарија, во организација на Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, во соработка со Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, ќе се одржи манифестацијата Денови на младата македонска проза, со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Во рамките на манифестацијата, меѓу другото, со учество на млади писатели, преведувачи и издавачи од двете земји, ќе се одржи трибина за меѓусебното запознавање и за можностите за соработка; вечер на младата македонска проза, со претставување и настап на седуммина млади македонски белетристи; ќе биде отворена изложба на книги од млади македонски писатели, кои потоа ќе останат како подарок во библиотеката на КИЦ на РМ во Софија, а ќе бидат остварени и посети на асоцијации, издавачи и други институции.

Во рамките на манифестацијата, и на средбите со бугарски издавачи, писатели и преведувачи, ќе биде претставен и конкурсот за странски издавачи на Министерството за култура на Република Македонија.

За потребите на манифестацијата, отпечатена е и посебна брошура (каталог) во која се претставени 17 млади македонски белетристи (до 35-годишна возраст): Румена Бужаровска, Марта Марковска, Ѓорѓи Крстевски, Јулијана Величковска, Андреа Јанковски, Анета Попова, Фросина Пармаковска, Ненад Јолдески, Фросина Стојковска, Живко Грозданоски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Иван Шопов, Олгица Станковска, Натали Спасова, Михајло Свидерски и Верче Каранфилоска. Младите македонски белетристи, со овој каталог ќе бидат претставени и на Меѓународниот саем на книгата, што ќе се одржи во Софија во почетокот на декември 2015 година, а на кој учеството на Република Македонија го организира „Македоника литера“.

На Деновите на младата македонска проза директно ќе учествуваат: Јулијана Величковска, Фросина Пармаковска, Живко Грозданоски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Михајло Свидерски и Верче Каранфилоска. Во овој избор на учесници се вклучени финалистите на последните два конкурса за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и последниот добитник на наградата за дебитантска книга „Новите!“.

Целта на манифестацијата е да се овозможи понепосредно запознавање на младите автори од двете земји и да се оствари поголема меѓусебна соработка, посебно во областа на преведувањето и објавувањето на дела во двете земји.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.