Депај: Сакам да станам легенда на Манчестер Јунајтед

Депај веднаш си постави високи цели - да стане легенда на „црвените ѓаволи“

21-годишниот крилен напаѓач во Јунајтед пристигна во јуни од ПСВ, за сума од 22,5 милиони фунти. Сепак, според него, со секој нареден тренинг под палката на Луј Ван Гал тој се повеќе напредува, а веќе успеа и да го постигне првиот погодок за својот нов тим, на пријателскиот натпревар против Сан Хозе.

„Искрен сум – секако дека сакам да бидам легенда. Ќе си создавам притисок самиот на себе, секој натпревар да го играм на врвно ниво. Сепак, сеуште сум млад, морам да напредувам бидејќи Премиер лигата е многу силна, па затоа времето ќе покаже како ќе се одвиваат работите“, изјави Депај.

Ван Гал е најзаслужниот што Депај дебитираше за Холандија
Ван Гал е најзаслужниот што Депај дебитираше за Холандија

Токму менаџерот на „црвените ѓаволи“, Луј Ван Гал беше тој што му овозможи на Депај да дебитира за репрезентацијата на Холандија, па затоа младиот офанзивец е пресреќен што соработката со искусниот тренер е обновена.

„Тој (Ван Гал) е многу, многу добар менаџер. Може да ги направи играчите подобри, да напредуваат. Мислам дека ќе бидам подобар фудбалер со секој нареден тренинг поминат со него. Чувствувам дека сум посилен, поцврст, тоа е една од работите кои тој може да ги направи со нас фудбалерите“, заврши Холанѓанецот.