Депониите ќе мора да задоволат минимално пропишани критериуми за управување со отпадот

Министерството за животна средина и просторно планирање преку Државниот инспекторат за животна средина,  а постапувајќи согласно задолженијата од Владата на Република Македонија и согласно заклучокот од седницата на Комитетот за здравје и животна средина за потребата од контролирање на постоечките депонии и обезбедување на вода за миење на транспортните возила за смет во самите депонии реализира вонредни надзори во јавните комунални претпријатија, рече денеска директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Фирус Мемед.

„Согласни сме дека, додека не  профункционираат регионалните депонии за управување со отпадот предвидени со Стратегијата за управување со отпад, постоечките депонии задолжително мора да исполнат одредени минимални критериуми за заштита на животната средина и здравјето на луѓето“, рече тој.

Надзорот, како што рече тој, е извршен во сите Јавни комунални претпријатија без оглед дали стопанисуваат со санитарно-комунални депонии или не и истите согласно констатираната состојба се задолжени со решенија за обезбедување на минимум критериуми (вода, електрична енергија, оградување, видео надзор, евиденција на отпадот, физичко обезбедување итн.) согласно законот, во однос на управување со депониите. За целосна реализација на сите задолженија, дел од ЈКП-ата побараа пролонгирање на решенијата,  и при тоа согласно законските можности како и заради почитувањето на постапката за јавни набавки,  крајот на март 2014 година, е даден како краен термин за целосно нивно исполнување.

„Исто така, крајот на март 2014 година е крајниот рок за обезбедување на вода за миење на транспортните возила за смет во рамки на самите депонии.  По завршување на роковите дадени во решенијата, нашите инспектори ќе извршат контролни надзори за реализација на задолженијата и доколку не се исполенети во целост ќе се применат законски казнени одреби“, додаде Мемед.

Согласно легислативата, Законот за управување со отпад и Законот за животната средина, прекршокот за непостапување по решение на Државен инспектор за животна средина изнесува 6.000 евра во денарска противвредност со порамнување во рок од 8 дена за правно лице и 800 евра во денарска против вредност со порамнување во рок од 8 дена за одговорно лице во правно лице.

„Согласно легислативата сите, ЈКП-а имаат обврска да достават Годишен Извештај за постапување со отпадот до општината, а потоа општината да го достави до Министерството. Паричната казна за недоставување на Извештај изнесува од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност со порамнување за правно лице и 400 евра во денарска противвредност со порамнување за одговорно лице во правно лице. Исто така, во духот на добрата соработка се реализираа серија состаноци со двете здруженија АДКОМ и Стопанската Комора на РМ, со членките, т.е ЈКП-а за разјаснување на нејаснотии, дилеми, со информирање за обврските кои произлегуваат од законодавството од областа на заштитата на животната средина, управување со отпадот, водите, новата методолгија за пресметување на цената за комунален смет итн. на која присуствуваа претставници од Државниот инспекторат за животна средина и Секторот за управување со отпадот при Управата за животна средина. Соработката ќе продолжи во иднина се со цел спроведување на законодавството во вистинска смисла на зборот и исполнување на сите обврски од страна на општините“, додаде тој.