Дербито Вардар – Металург на 2 и 8 мај

Дерби натпреварите меѓу Вардар и Металург , најверојатно ќе се играат на 2 и на 8 мај, најавија челниците на Ракометната федерација на Македонија на Управниот Одбор. Двата клуба дадоа свои предлози за одигрување на натпреварите, а челниците на РФМ одлучија да им дадат уште неколку дена за да ги договорат деталите. Доколку не се договорат натпреварите ќе се играат на 2 и 8 мај.

„Кога беше дадено светло за презакажување на натпреварите решивме да дадеме рок за клубовите да се договорат. Вардар предложи првиот меч да се игра на 30 април или 1 мај, што е само неколку дена по враќањето на Металург од Кил, кое се очекува во вечерните часови од 28 април. Наспроти тоа, Металург предлага својот домашен меч да го игра на 10 мај, термин многу близок до оној кога Вардар ќе игра со Зомимак, ривал за респект. Искрено се надеваме дека двата клуба ќе се договорат заеднички и им даваме дополнителен рок за такво нешто. Доколку тоа не се случи, ќе го искористиме правото самите да ги утврдиме термините, а веќе размислуваме за 2 и 8 мај како денови што би биле ОК и за двата клуба“ , истакнаа челниците на РФМ.