Магазин

Дерик Меј и Македонската филхармонија утревечер во Антички театар

Дерик Меј и Македонската филхармонија утревечер во Антички театар

Со еклектичниот настап на култниот детроитски диџеј Дерик Меј и Македонската филхармонија во автентичниот простор на Античкиот театар во Охрид утре, 2 август, со почеток во 22 часот, Македонија ќе биде ставена на светската музичка мапа. Организаторите најавуваат досега невидено шоу на овие простори

Дерик Меј е долгогодишен пријател на Македонија. Досега има настапувано преку десет пати на различни сцени низ земјава, која ја сака, во која стекна пријатели, во која ужива во природните убавини и културни наследства и чија храна ја обожува. На овој значаен ден за Македонија, 2 август, под отворено небо, љубителите на музиката, ќе имаат можност да присуствуваат на несекојдневен музичко-сценски спектакл насловен „Музика Универзалис“.

Легендарниот диџеј и еден од пионерите на детроитската техно-сцена, ќе настапи заедно со Македонската филхармонија, а за оркестарските аранжмани на музиката на Меј, е задолжен македонскиот музички уметник Емин Џијан. Оркестарот ќе биде збогатен и со магичниот звук на пијаното, во изведба на нашата афирмирана пијанистка Емилија Потевска. Идеен творец и продуцент на овој настан е Огнен Узуновски – Оги, сопственик на продуцентската куќа „Излет мјузик“ и најблискиот пријател на Меј во Македонија, еден од неколкумината луѓе од светот, кој бил неколку пати досега гостин на Дерик Меј во неговиот дом и студио во Детроит.

Проектот е под покровителство на Министерството за култура. Концертот ќе претставува фузија од електронска и класична музика, фантастични светлосни ефекти, видео и аудио поддршка, специфични костими. За останатото од екипата велат треба да се види за да може да се доживее.