Десет илјади денари и платена сметка за струја за најубаво украсениот двор

Награди во износ од 10 000 денари обезбеди Градот Скопје за првонаградените од трите категории во рамки на веќе традиционалната манифестација „Новогодишните бои на Скопје“.

Градот  Скопје  упати повик до граѓаните да се пријават и да учествуваат на веќе традиционалната манифестација „Новогодишните бои на Скопје“, со која жителите на главниот град се мотивираат и стимулираат да ги украсуваат  своите домови и работни простории и да придонесат во разубавување на празничниот амбиент на градот.

Заинтересираните граѓани и правни субјекти коишто сакаат да учествуваат во манифестацијата, односно да се натпреваруваат за најинтересно и најкреативно новогодишно украсување, можат да се пријават на телефонскиот број 3297 265,  од 9 до 16 часот, до 22 декември 2014 година.

Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адреса, учесниците може да испраќаат на Интернет-адресата mediumi@skopje.gov.mk или на адреса: булевар Илинден бр.82, со назнака за манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје“.

Град Скопје  и година, традиционално избира:

1.            Најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа;

2.            Најубаво новогодишно украсена тераса од стан;

3.            Најубаво новогодишно украсен угостителски објект (надворешно);

4.            Најубаво новогодишно украсен двор на средно училиште.

Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија којашто ќе биде составена од претставници на медиумите.

Градот Скопје и годинава обезбеди награди од 10 000 денари, што ќе им бидат доделени на  првонаградените од трите категории,  исто така  ЕВН Македонија ќе ги ослободи првонаградените во сите категории, еднократно од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија, за месец декември 2014 година.

Наградите на најуспешните ќе им ги додели градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, со претставници од ЕВН Македонија, на крајот на месец декември.