Десет килограми марихуана запленети на „Блаце“

Безмалку 10 килограми марихуана заплениле завчера полицијата и Царината на Граничниот премин „Блаце“ пресекувајќи меѓународен канал на трговија со наркотици од Косово преку Македонија до западноевропски земји.

Според информациите од полицијата, дрогата е најдена во автомобил „бмв“ што го управувал скопјанецот Ф.Б. (37). Скопјанецот пакетите со марихуаната завиткани во алуминиумска фолија ја сокрил под задниот браник од автомобилот.

Шверцот на дрогата, како што наведува полицијата, бил организиран од М.Т. (22) кој беше уапсен во минатонеделаната акција во која што беа откриени 139 килограми марихуана.

„За реализирање на транспортот М.Т набавил возило марка “BMW“ за кое што од сопственикот на ПМВ обезбедил согласност и одобрение за управување на туѓо моторно возило на име на Ф.Б. По обезбедување на возилото Ф.Б  преку ГП „Блаце“ се упатил во Косово каде ја преземал наркотичната дрога и ја сместил во наслонот на задните седишта и под задниот браник од возилото. Пронајдената растителна материја е предадена на одделот за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР на Р.Македонија, и по извршеното вештачење утврдено е дека се работи за висококвалитетна марихуана со вкупна нето тежина од 9,760  килограми“, се вели во информацијата од полицијата.

Запленетата количина на марихуана на нарко пазарот во западноевропските земји на големо би достигнала цена од околу 30.000 евра, а на мало околу три пати повеќе.