Десет македонски сликари учествуваат на Дојранската ликовна колонија

Десет сликари од неколку градови од Македонија неколку дена работат под јаворите во Дојран и создаваат дела во рамки на третата Дојранска ликовна колонија, која е дел од  манифестацијата „Дојран – град на културата“.

Уметниците ги доловуваат убавините на Дојран и Дојранското Езеро создавајќи слики во скоро сите ликовни техники.

– Работата на колонијата ќе заврши утре. Се слика надвор, под јаворите, за да биде атрактивно за посетителите и да видат дека и тука нешто се случува на ликовен план, изјави Ѓорги Божинов-Фаника од организацискиот одбор на Колонијата.

Делата кои ќе бидат создадени за време на колонијата ќе бидат претставени пред јавноста на изложба на 5 ноември, кога се одбележува ослободувањето на Дојран.