Десет милони евра за локална инфраструктура

Општините, комуналните претпријатија и приватни друштва кои даваат општински услуги имаат на располагање 10 милиони евра за одржлива инфраструктура преку Фондот за развој на општинска инфраструктура (МИДФ) и Комерцијална банка.

Средствата од кредитот ќе се искористат за финансирање на изградба на нова и модернизација на основната инфраструктура во помалите општини кои обично имаат ограничен капацитет за изготвување проекти за одржлива инфраструктура и се соочуваат со тешкотии за пристап до финансирање од комерцијалните банки.

МИДФ е прв инвестициски фонд кој располага со 100 милиони евра, основан од ЕБОР и КфВ со поддршка од владите на Германија, Швајцарија и Австрија, а со цел стимулирање на порастот на пазарот на кредитирање на општини и остварување на долгорочна одржливост на општинските услуги во западнобалканските земји.

Владите на Австрија и Швајцарија обезбедуваат и финансирање на техничка помош како поддршка на изготвување и спроведување на проектот и изградба на капацитетот на општинските корисници на кредити.

– Во МИДФ веруваме дека постои голема потреба од развој на локалната инфраструктура, а финансискиот пазар во земјата не го опфатил овој сектор со целиот негов потенцијал. На тој начин ова претставува иновативна соработка на МИДФ со која очекуваме да се покрие финансискиот пропуст во општинската инфраструктура во Србија и да се обезбеди потребната поддршка за таа цел, вели Клаус Рихтер, менаџер на проект на МИДФ.

Според главниот извршен директор на Комерцијална банка Хари Костов, ова е добредојден извор на финансирање за потребните инвестиции во инфраструктурата во Македонија придружен со значителна техничка помош на крајните корисници.

МИДФ е осмислен за западнобалканските земји, а во оваа група стратегијата на Фондот е фокусирана на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, согласно со локалните потреби.