Македонија

Десет отсто повисоки стипендиите за студентите и за учениците

Десет отсто повисоки стипендиите за студентите и за учениците

Студентските и ученичките стипендии ќе се зголемат за 10 отсто, најави премирот Никола Груевски на вчерашниот народен собир во Тетово.

Груевски рече дека за 10 отсто ќе бидат зголемени ученичките стипендии за најталентирани ученици, талентирани спортисти, деца без родители, деца со посебни потреби, ученици од социјални категории, од угостителско-туристичка струка и ученици кои се деца на бранители, како и студентските стипендии за студенти со висок успех на студиски програми по информатика, студенти од социјални категории, студенти со висок успех, студенти од природно-математички, техничко-технолошки, биотехнички и медицински науки и студенти кои се деца на бранители.

– Пред 3 недели најавивме ваучери за студентите од трета и четврта година, чии родители имаат пониски примања од просечната плата во Македонија, ваучери со кои бесплато ќе можат да си набават таблет со тастатура. Законот веќе помина во Парламентот и постапката за аплицирање е започната, рече Груевски.

Нагласи дека инвестираат многу во образованието, во образовната инфраструктура како ниту една друга Влада досега.

– Во овој регион досега имаме изградено 4 сосема нови училишни сали во вредност од над 2 милиони евра. Имаме изградено и 3 нови спортски сали преку Агенцијата за спорт и млади со инвестиција од над 1,5 милиони евра. Само во Тетово во моментот во тек е изградба на уште 3 нови спортски сали, две големи со трибини и една мала сала за што ќе бидат инвестирани околу 2 милиони евра, истакна Груевски.

Потенцира дека изградени се и 7 целосно нови училишта, за што инвестиравме околу 4 милиони евра.

– Со над 2 милиони евра реконструиравме и 36 училишта во овој регион. За оваа година во Тетово планираме реконструкција на уште 3 училишта, и реконструкција на училиштето во Вратница за околу половина милион евра. Инвестираме и во спортот. Со околу 1 милион евра изградивме фудбалски игралишта во Тетово, Гостивар и Теарце и повеќенаменски игралишта во Гостивар и во Јегуновце, додаде премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски.