Десет шпански свештеници обвинети за педофилија

Десет шпански свештеници беа обвинети за полов напад врз дете. Жртвата сега има 24 години, но неговиот идентитет не се открива.

Жртвата со писмо го известила папата Франциско дека бил подложен на сексуално злоставување од свештениците додека пеел во црковниот хор. Папата во август минатата година му се извини во име на Католичката црква, а во ноември нареди истрага за случајот.

Архиепископот на Гранада, Франциско Хавиер Мартинез отстрани неколку свештеници од должноста под сомнеж дека се поврзани со случајот. Жртвата тврди дека сексуално била злоставувана три години, од 14. до 17. година. Свештениците го силувале во изнајмена куќа на нивно име во предградие на Гранада.

Папата Франциско објави нулта толеранција за педофилијата меѓу свештениците. Ватикан минатата година објави дека распопила околу 850 свештеници во периодот од 2004 до 2013 година поради педофилија.