Десетици илјади блокирани на грчките острови поради штрајк

Грчките поморски работници одлучија во понеделникот најмалку за уште еден ден да го продолжат штрајкот кој блокираше десетици илјади патници и туристи на популарните грчки острови, пренесуваат тамошните медиуми.

Најголемиот синдикат на поморските работници PNO одлучи дека траектите ќе останат вкотвени во пристанишата најмалку до средата наутро. Причина за тоа, како што велат синдикалистите, е што никој од владата не одговара на нивните барања за зголемување на платите од пет отсто и даночни олеснувања.

Според грчките бродарски компании, штрајкот којшто започна во понеделникот ќе погоди околу 180.000 лица коишто веќе купиле билети за патувањата на грчките острови или за враќање од нив. Во тоа се вклучен и најпосетените дестинации како Миконос, Санторини и Крит.

Проблемот е дополнително отежнат со фактот што многу од помалите грчки острови немаат воопшто никаков аеродром, па во прашање може да биде доведено и снабдувањето со најосновните продукти за туристите, но и за локалното население.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.