Десетици илјади Унгарци на протести против Орбан

Илјадници Унгарци протестираа во саботата во Будимпешта против владината контрола врз медиумите, кои според нив му помогнале на премиерот Виктор Орбан во неодамнешната изборна победа, пренесе Ројтерс.

Овој протест е уште еден голем собир против Орбан по изборите што се одржаа на 8 април.

Демонстрантите од поделените опозициски партии бараат да се обединат против десничарската националистичка партија Фидес, која на неодамнешните избори освои две третини од местата во парламентот.

Агенцијата Франс прес проценува дека околу 30.000 луѓе се собраа на демонстрациите во главниот град на Унгарија.

Пред собирот на својата Фејсбук страница организаторите напишаа дека државните медиуми се претвараат во „пропагандна машина“ на Орбан.

Нашата цел е да ја ослабнеме контролата на Фидес врз јавните медиуми, но опозициските партии тука имаат своја задача и се одговорни за ситуацијата во која сме. Заедно треба да се бориме за нов, фер и чесен изборен закон, како и да започнеме истрага за случаите на корупција, пишуваат тие.

Демонстрантите се собраа пред зградата на парламентот и го истакнаа државното знаме и знамето на Европската унија.

Орбан со својата силна кампања против имиграцијата го освои третиот мандат по ред.