Десетина жртви во Сирија во напад на коалицијата предводена од САД

Најмалку десет цивили ги загубија животите а уште неколку десетици се ранети во саботата кога меѓународната коалиција предводена од САД за борба против ултрарадикалната сунитска групација Исламската држава извела серија воздушни напади во источната сириска покраина Даир ал-Завр.

Според сириската државна новинска агенција SANA, во воздушните напади во градот ал-Мајадин загинале најмалку 10 цивили, меѓу кои пет се деца. Оваа информација сѐ уште не е потврдена од заедничката команда на коалицијата.

Локални извори во саботата објавија дека воздушни удари имало и врз селото Таибе, во источниот дел од покраината Деир ал-Завр, 450 километри североисточно од главниот град Дамаск при што загинале најмалку 10 лица и е уништена цивилна инфраструктура. Извори на агенцијата рекле дека седум од жртвите се членови на едно семејство, истакнувајќи дека пет деца се меѓу загинатите.

Овој напад доаѓа само два дена откако најмалку 18 лица беа убиени а уште 20 други ранети откако коалициските авиони го бомбардираа истото сириско село.
Градот ал-Мајадин веќе беше цел на воздушни удари на коалицијата предводена од САД кон крајот на јуни годинава кога загинаа 40 цивили. На 12 јули сириските медиуми објавија за коалициски бомбардирање на селото Кишкиш Џабур, јужно од градот Шадади во покраината ал-Хасака, кога загинале шест цивили, од кои две жени.

На 26 јули опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR), со седиште во Лондон, повикувајќи се на свои активисти од теренот, соопшти дека најмалку 29 лица, меѓу кои осум деца, се убиени во напад од коалицијата предводена од САД врз северниот сириски град Рака.

Самата коалиција на почетокот од јули потврди дека од почетокот на нејзините воздушни удари од септември 2014 година загинале 603 цивили, а за уште 180 смртни случаи уште се водат истраги.