Дескоска: Балканот заслужува да оди напред

Земјите од Балканот заслужуваат да напредуваат, изјави македонската министерка за правда, Рената Дескоска, обраќајќи се на годинешниот Сими симпозиум: Искористување на придобивките од глобализацијата: Агенда за следните 20 години.

Своето обраќање, министерката за правда го започна со кратка приказна, илустрација за регионот.

„Според некои толкувања, етимолошки, зборот ‘Балкан’ е кованица од турските зборови ‘бал’ кој значи мед, и ‘кан’ кој во превод значи крв. Тоа е приказната за нашиот регион, и се надевам дека тоа ќе се измени, затоа што нашите народи искусиле или учеле во учебниците за многу крв, но не така често уживале во ‘медот’. Но, медот може да се ужива на Балканот – со политики за добрососедство, соработка, и последно, компромис“, истакна министерката Дескоска.

Порача дека добрите меѓународни односи и добрите односи со соседите го забрзуваат економскиот развој и ја зголемуваат довербата меѓу државите.

Министерката истакна дека вистинските европски вредности, стануваат се поважни во денешниот свет со бројни закани за демократијата и човековите права.

„Изминатата година напорно работевме да им покажеме на нашите соседи и пријатели дека Република Македонија е назад на вистинскиот пат, што се докажа со добиената препорака од ЕУ. Во таа насока ќе продолжиме во сите области а особено владеење на правото – како единствен пат за прогрес на нашата држава, рече Дескоска, која дополни дека за Македонија не постои алтернатива поинаква од евроатлантска интеграција.

Осврнувајќи се на придобивките на добрите меѓусоседски односи на Македонија, таа истакна дека по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, трговијата меѓу двете земји бележи раст од близу 12 проценти.

„Придобивката од потпишувањето на договорот со Грција е интеграција на Балканот во Европската Унија, долготраен мир на Балканот, а секако стабилноста сама по себе носи големи придобивки за развојот на регионот“, истакна Дескоска.

Додаде дека сите на Балканот треба да научат едно нешто. „Не секогаш може да избереме соседот, но секогаш мораме да соработуваме со него. Развиените соседи секогаш треба да им помагаат на соседите во развој – тоа е добра меѓусоседска политика“, рече.

„ЕУ инвестира во регионот, и во поглед на економијата и во поглед на демократијата, но Балканот заслужува да оди напред. Верувам дека тоа е инвестиција не само за регионот, туку и за Европа. Интегрирањето во ЕУ е од заеднички интерес за Република Македонија и за Европската унија. Време е да ја крунисаме оваа инвестиција со комплетиран процес на интеграција на Балканот во ЕУ“, потенцираше Дескоска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.