Десната австриска коалиција ја отповика забраната за пушење во рестораните и кафулињата

Пушењето во австриските ресторани и кафулиња нема да биде забрането, одлучија во четвртокот пратениците на крајните десни и конзервативни партии, и покрај петицијата потпишана од 543.000 граѓани кои се противат на оваа одлука.

„Сѐ до денеска ниедна земја на светот не направи чекор наназад во заштитата на непушачите“, изјави во текот на парламентарната дебата пратеничката на социјалдемократите Памела Ренди-Вагнер.

Претходната влада составена од социјалдемократите од SPOe и Народната партија (OeVP) се согласи забраната за пушење во локалите да стапи на сила на 1-ви мај годинава, а одвоените простории за пушачите да станат нелегални. Меѓутоа, крајно десната Слободарска партија (FPOe) повлекувањето на оваа забрана ја постави како услов за составување на новата влада со Народната партија кон крајот на минатата 2017 година.

Министерката за здравство од FPOe, Бетате Хартингер-Клејн, ја обвини опозицијата дека ги дискриминира пушачите. „Го осудувам маргинализирањето на зависниците“ од тутунот, рече.

Австриската лекарска комора и здружените на заболените од карцином на белите дробови изминатите седмици собраа 543.000 потписи, па парламентот ќе мора да ја разгледува одлуката донесена во четвртокот. Меѓутоа, петицијата не ги обврзува пратениците да го променат мислењето.

Иако конзервативците и крајната десница ја отповикаа одлуката за забрана на пушењето во рестораните и кафулињата, тие ја зголемија границата за купување на цигари од 16 на 18-годишна возраст и го забранија пушењето во автомобилите во кои се возат малолетници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.