Детали за акцијата „Којот“: Криминалната група осомничена и за трговија со малолетно лице

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција раководи со преистражната постапка во која со правосудната полиција – МВР РМ Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал од  утринава спроведува голема оперативна акција под називот „Којот”.
-Со акцијата се гони поголема организирана криминална група поради основи на сомневање дека подготвува и извршува повеќе кривични дела, и тоа Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти од чл.418-в, Криумчарење мигранти од чл.418-б, Разбојништво  од чл.237 ст.4 в.в. со ст.1, Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.3 в.в. со ст.1 и 2 од Кривичниот законик, соопштуваат од Обвинителството.
 Во рамките на акцијата, а во насока на пронаоѓање на траги и предмети важни за кривичната постапка се вршат претреси на повеќе локации во Велес и други населени места. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со преземањето дејствија, за кои јавноста ќе биде дополнително известена.