Детали за апсењето на Божиновски

Раководителот на секторот за правни, имотно-правни работи и општи работи во Општина Куманово, кој полицијата го уапси вчера, барал од граѓанин 1.000 евра за да посредува за поништување решение за легализација на дивоградба, информира денеска портпаролот на МВР Иво Котевски.

Според полицијата, при постапка за легализација на доградба на куќа е извршен инспекциски надзор од Секторот за урбанизам и градежништво во Куманово и на граѓанинот му било соопштено дека треба да потпише решение за уривање на доградбата, за кое тој не се согласил и не го потпишал.

Под закана дека доградбата од куќата ќе биде срушена од страна на секторот за градежништво во општината, според досега документираните сознанија на полицијата, пријавениот од граѓанинот побарал 1.000 евра за да му посредува и да издејствува да се поништи наводно изготвеното решение за уривање на бесправно изградената доградба и да се донесе ново решение за легализација.

Граѓанинот, информира портпаролот Котески, на 18 овој месец, на осомничениот првично му исплатил 600 евра. Оттогаш до 25-ти овој месец осомничениот неколкупати му се јавил на телефон и ги барал и останатите 400 евра за да ја среди работата како што велел односно да посредува при легализација на дивоградбата. На 25-ти овој месец граѓанинот го пријавил случајот, а вчера телефонски договориле средба со општинскиот раководител во угостителски објект во Куманово каде требало да ги прими останатите пари. Осомничениот на средбата ги зел преостанатите 24.000 денари коишто претходно биле технички обработени, по што полицијата го уаспила.

– По извршениот претрес над него и патничкото возило пронајдени се и одземени претходно технички обработените 24.000 денари, а осомничениот беше приведен и задржан во полициската станица во Куманово. Против него ќе биде изготвена соодветна кривична пријава и ќе биде процесуиран пред надлежниот судија, наведе портпаролот на МВР.

Осомничениот и претходно и е познат на полицијата односно против него во неколку наврати се поднесувани кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овалстувањата. Последната кривична пријава е поднесена во февраури годинава кога осомничениот се товарел дека како компензација простил долгови на угостителски објекти во Куманово во висина од стотина илјади евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.