Детали за сообраќајната несреќа во која се повредени 18 мигранти

Околу 10 минути по полноќ на автопатот Градско – Велес во близина на селото Кочилари, се случила сообраќајна несреќа, во која се повредени 18 мигранти.

Имено, при полициска контрола на автопатот, товарно моторно возило марка Форд „Транзит“ било сопрено од страна на полициските службеници. Возачот не запрел, туку ја зголемил брзината и се дал во бегство. Кратко потоа излетал десно од коловозот и удрил во столб од подвозник.

Како што информираат од СВР Велес за Нетпрес, веднаш по несреќата возачот излегол од возилото и се дал во бегство, но кратко потоа бил фатен од страна на полициските службеници и бил лишен од слобода. Станува збор за 20 – годишен скопјанец со иницијали Д.С. Истиот е задржан во полициската станица во Велес и против него ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.

Инаку, во товарното возило биле затекнати 14 странски државјани, кои се жалеле на повреди и со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во медицинскиот центар во Велес.

Веднаш бил извршен увид на местото на несреќата, а пронајдени се уште четри странски државјани, за кои било утврдено  дека во моментот на несреќата биле во возилото, а потоа се дале во бегство.

Неофицијално, двајца од мигрантите се потешко повредени и ќе бидат задржани на лекување. Еден од нив ќе биде пренесен на Ургентниот центар во Скопје.

Мигрантите по укажаната лекарска помош ќе бидат пренесени во Прифатниот центар за странци на Министерството за внатрешни работи.

фото:дума.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.