Детали за состојбата на давеникот од Охридско Езеро

Дваесет и четири годишно момче од Тетово попладнево е спасено од давење во водите на Охридското Езеро во близина на „Машка плажа“ во Струга.

Го извадил спасител, на Црвениот крст во Струга и по првичната реанимација од тројца спасители момчето е пренесено во Струшката болница од каде се транспортира на скопските клиники.

-Момчето родено 1992 година од Тетово е донесено без знаци на живот. По преземени мерки за реанимација добивме срцева акција и пулс, но централниот нервен систем, односно мозокот не функционира. Во моментот се транспортира за Скопје, информира дежурниот хирург во Струшката болница.

Според секретарот на Црвениот крст-Струга, Адуриме Даути момчето било многу оддалечено од брегот и се давело подолго време.

-Го извадил спасител од зоната кај хотел Дрим. Момчето се давело подолго време бидејќи било многу оддалечено од брегот, информира Даути.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски информира дека несреќата се случила околу 16 часот на просторот меѓу „Машка“ и „Женска“ плажа, на место каде немало директно спасители, но интервенирале од соседните плажи.

-Момчето претходно било на педалинка од која скокнало во делот кај трските и го снемало. Интервенирале спасителите кои го пронашле кај трските и го реанимирале, изјави Димоски.

Ова е прв посериозен случај годинава за спасување во вода од страна на спасителите на Црвен крст Струга.