Детали за тепачката во средното училиште ЕМУЦ

Тепачка меѓу професори и роднини на ученик се случи попладнево во средното училиште „8-ми Септември“ во Автокоманда, во кое има неколку паралелки од ДСУ „Владо Тасевски“ од албанска националност.

Како што дознаваме, целиот хаос настанал откако ученик од четврта година излегол од час кој го имал со класниот раководител и на училишното обезбедување му кажал дека бил удрен од професорот, пишува Курир.

Набрзо потоа во училиштето дошле таткото и роднина на ученикот, кои влегле во училницата каде се наоѓал професорот и започнале вербална расправија со него, по што физички го нападнале. Во просторијата кратко потоа дошле и други професори при што настанала општа тепачка.

Во врска со овој случај од полицијата за Курир велат дека таткото и роднината се пожалиле на повреди и побарале лекарска помош, но не е позната нивната здравствена состојба. Со нив дополнително ќе биде извршен разговор во полиција.

Изјави се земени само од втората страна, односно од професорите, а класниот раководител на ученикот негирал дека го удрил детето.

За случајот известен е и јавен обвинител.