Македонија

Дете од Прилеп заразено со западнонилска треска

Дете од Прилеп заразено со западнонилска треска

Во Клиниката за детски болести во Скопје, е хоспитализирано дете од Прилеп со позитивен наод на Западно-нилска треска (West Nile Virus), односно IgM и IgG позитивен наод. Денеска дијагнозата е потврдена, а во тек е испитување на втор серум, заради следење на динамиката на титарот на антитела и утврдување на фазата на болеста, информира Гоце Ингилизов, директорот на Центарот за јавно здравје од Прилеп.

Тој посочи дека Центарот за јавно здравје во Прилеп се вршат сите епидемиолошки истражувања.

– Ги извршиме сите епидемиолошко истражување. Се утврди дека детето не патувало надвор од местото на живеење, и мајката негира убод од комарец или друг инсект во подолг временски период. Детето жиивее во куќа со уредна санитација, домашни животни не чуваат. Во соседството на две локации се чуваат птици, а на 20-тина метри постои стара, разурната куќа, во која постојат идеални услови за одржување и размножување комарци, но не може со сигурност да се тврди дека посочените птици се извор на вирусот, вели Ингилизов и објаснува дека се очекува детето да биде пуштено од Клиниката, но да продолжи со рехабилитација.

Од Центарот информираат дека ова е прв случај на Западно-нилска треска во Прилеп, додека во Македонија, од 2011 кога беше регистриран првиот случај, до денес вкупно се регистрирани 19 случаи на заболени со три смртни исходи.

Директорот на Центарот за јавно здравје од Прилеп, објаснува дека станува збор за вирусно заболување кое се пренесува со убод на комарец, а главен резервоар се птиците.

– Болеста има сезонски карактер, најчесто се регистрира во лето и есен, односно во периодот на најголема активност на комарците, но може да се регистрира и во текот на другите месеци. Кај 80 отсто од инфицираните ова заболување поминува без симптоми. Од оние каде се јавуваат одредени симптоми тие се во најголем дел со лесна клиничка слика, слична на грип, а само кај 1 отсто може да се јави тешка неуроинвазивна форма на болест, информира Ингилизов.

Според сознанијата на Центарот за јавно здравје, детето прво било лекувано во Прилепската градска болница и откако сфатиле дека состојбата не му се подобрува, го испратиле на лекување на Детската клиника во Скопје.