Дете предозирано со метадон во Тетово, едвај го спасиле!

Тригодишно дете од Тетово предозирано со метадон, во петокот во коматозна состојба завршило на Клиниката за детски болести.

Во тешка здравствена состојба со возило на Брза помош итно било транспортирано во Скопје. Лекарите на Детска два дена се бореле да го спасат неговиот живот, пренесуваЗдравство 24.

Течноста била на неговиот чичко која ја пронашол во семејната куќа каде живееле. Без некој да го види испил поголема количина.

-Во овој случај границата беше ептен тенка. Детето беше во кома. Прв пат се соочуваме со ваков случај, толку мало дете да прими метадон. Правевме детоксикација и се она што е потребно. Се консултиравме и со токсиколози дали може терапија што ја примаат повозрасни, бидејќи е мало дете и знаете во тие случаи може да има и контра ефект, вели за Здравство 24 Аспазија Софијанова директор на Клиниката за детски болести.

По тешкиот викенд , детето е стабилизирано и сместено на одделот за Пулмологија и токсикологија. Но неговата приказна нема да заврши само со подобрување на здравствената состојба. Софијанова е решена да оди до крај и случајот го пријавила во социјалните служби. Според информации на Здравство 24  детето потекнува од семејство каде повеќе членови се корисници на дрога.

-Овој пат нема толку лесно да го дадам детето. Информирани се социјалните служби. Tреба да проверат, да испитаат, а и како поука за другите дека во тој град или тоа семејство има некој што користи дрога. Бидејќи по втор пат ваква грешка ако се случи тоа нема лесно да помине кај толку мало дете, вели Софијанова.

Од Министерството за труд и социјала изјавија дека надлежните служби работат на случајот. Не е исклучена можноста привремено да биде одземено родителското право и детето да го сместат во соодветна институција.