Детектирани слабостите во работата на подрачни одделенија на Катастарот

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, денес оствари работна посета на генералната дирекција на Агенцијата за катастар на недвижности, во рамките на која оствари средба со директорот Славчо Трпевски.

На состанокот беа разгледани и анализирани резултатите од истражувањето за задоволството на граѓаните од работата на институциите на системот, врз основа на методологијата „Барометар на квалитет на институции“.

Подрачните единици на Агенцијата за катастар на недвижности во Тетово, Гостивар и Крива Паланка покажаа најслаби резултати, додека одделенијата во Охрид и Кавадарци најдобри резултати во работењето.

Главните недостатоци кои се лоцирани во Тетово, Гостивар и Крива Паланка се бавноста на изработување на предметите и нељубезноста на шалтерските работници во односот кон граѓаните.

„Ќе испратиме инспектори во одделенијата на Катастарот во трите општини каде најчесто се враќаат граѓаните од шалтерите и се праќаат во други институции. За непочитување на Законот за размена на документи по службена должност се казнува вработениот, раководителот, но и директорот на Агенцијата, доколку не се реши предметот во предвидениот временски рок. Генерално, Агенцијата за катастар има опаѓање во споредба со минатата година и тоа се должи на неколку одделенија, кој ја нарушува целата слика на фунционирањето“, рече министерот Ивановски.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славчо Трпевски додаде дека одделенијата кои ја нарушуваат целокупната слика на работа, ќе бидат под негова директна контрола.

„Агенцијата за катастар на недвижности во изминатите години направи многу реформи, но очигледно дека не се доволни, што значи дека ќе преземеме дополнителни реформи, со цел нашата работа значително да ја подобриме“, рече Трпевски.

Министерот Ивановски најави дека во наредните денови ќе посети и други институции, кои беа опфатени со истражувањето Таен клиент и Анкетата за задоволство на граѓаните.