Детонации во близина на полициските станици во Тетово и Куманово

Во близина на полициските станици во Тетово и во Куманово синоќа нешто по 21 часот се слушнале две експлозии. Од МВР потврдуваат дека детонациите се во близина на станиците и демантираат дека тие биле мета на нападот.

– Слушнати се детонации во близина. Не е регистрирана никаква штета. Додека не заврши увидот не можам да дадам никакви дополнителни информации, изјави Иво Котевски, портпарол на МВР.

Портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски синоќа изјави дека изминатата ноќ нешто по 21 часот силна детонација се слушнала надвор од кругот на СВР Тетово покрај оградата во близина на влезот во дворот.

– Полицајците кои во тоа време биле во и околу зградата на полицијата веднаш излегле надвор но не забележале никого. На местото од детонацијата бил извршен увид од страна на екипа на СВР Тетово и единицата за антитероризам на МВР за да се утврди што ја предизвикало. Подоцна во увидот се вклулчил и јавен обвинител. Според првичните информации од детонацијата нема пронајдено кратер ниту некави шрапнели ниту пак има повредени, рече Јосифовски.

Повеќе информации што ја предизвикало детонацијата и други поединости за случајот од полицијата најавија во текот на денов.

МВР потврдува дека синоќа било пријавено во полицијата  дека е слушната детонација надвор од кругот на полициската станица во Куманово.

– Веднаш е излезено на лице место и утврдено е дека незначително е оштетно едно приватно возило кое било паркирано во близина, соопшти порпаролот на МВР, Иво Котевски.

Извршен е увид на лице место и се очекуваат резултати од вештачењето. Од МВР информираат дека се работи на целосно расчистување на настанот.

Кумановските медиуми јавија дека рачна бомба била поставена во шахта во близина на основното училиште “11 Октомври“, но таа информација се уште не е потврдена.

Според неофицијални информации, објавени на порталите на албански јазик, врз двете полициски станици се фрлени рачни бомби “кашикари“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.