Детроит: Автомобилски компании заинтересирани за инвестирање во Македонија

Македонска делегација предводена од директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо заедно со Генералниот Конзул во Детроит, Елена Зарковска и Економскиот Промотор во Чикаго, Дејан Величков во Детроит учествуваа на годишната конференција на производители на автомобилски компоненти – OESA Outlook Conference.

Конференцијата е во организација на Асоцијацијата на Производители на Автомобилски Компоненти во САД која е најголема и највлијателна организација за компаниите во автомобилскиот сектор.

На конференцијата учествуваа повеќе од 700 директори и претставници на компании производители на компоненти како и представници од најголемите светски производители на автомобили (Џенерал Моторс, Форд, Тојота, Хонда, Крајслер, Фолксваген, Даимлер).

Главниот фокус на конференцијата беа глобалните трендови во автомобилскиот сектор, предвидувањата за следните три години, како и зголемената партиципација на производителите на компоненти во вкупната вредност на крајниот производ/автомобилот.

Македонија на конференцијата се претставува со промотивен штанд веќе трета година по ред. Штандот беше одлично посетен од голем број претставници на автомобилски компании кои најавија вклучување на Македонија во нивните анализи за нови локации во Европа.

Македонската делегација оствари и директни средби со неколку компании со кои се во напредна фаза на преговори за донесување одлука за отворање на свои капацитети во Македонија во блиска иднина.