Децата со Даунов синдром се едни од најведрите, највеселите и најнасмеаните деца

Еминентни доктори, специјалисти од различни сектори дискутираа за предизвиците на луѓето со Даунов синдром во Македонија.

Што правиме за развојот на лицата со Даунов синдром и како да се подобриме? Што по раѓањето? Мускулоскелетни промени кај Даунов синдром, како и промени и предизвици во развојот беа само дел од темите за кои активно дискутираа докторите, меѓу кои и Марина Поп-Лазарова, педијатар и Иванка Стефановска, ортопед од Првата општа болница, Ре-Медика на работниот семинар за Даунов синдром.

„Дауновиот синдром е резултат на грешка при реплицирањето на еден хромозом при гестацијата. Даунов синдром не е болест и луѓето со овој синдром не се болни. На родителите што ќе добијат дете со Даунов синдром сакаме да им укажеме дека покрај зголемените одговорности, децата со Даунов синдром се едни од најведрите, највесели и насмеани“, изјави Марина Поп-Лазарова, педијатар од Ре-Медика.

На тридневната дискусија беше потенцирано дека во поразвиените држави овие луѓе се оспособени да водат самостоен живот, да остваруваат интимни врски и да склопуваат бракови. Заради повисокиот процент на породувања на помлади мајки, 80 отсто од децата со Даунов синдром се на мајки под 35 годишна возраст. Се јавува со зачестеност од еден случај на 600-1000 и е подеднакво присутен кај сите раси, општествени слоеви, етнички групи и земји во светот.

Тридневниот работниот семинар беше организиран од страна на Центарот за Даунов синдром на Македонија на која земаа учество експерти од релевантни институции и здруженија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.