Детска клиника: Стравот и фамата од вакцината против морбили се неосновани

Темата за вакцинацијата на децата е доста актуелна во периодов, посебно по приказната на Тодор Гечевски за аутизмот на неговото дете, кога симптомите значително биле изразени по примање на вакцина. Но, не само по приказната на нашиот храбар кошаркар, кој отворено проговори за проблемот, јавноста веќе подолго време е поделена во однос на вакцинирањето на најмилите.

На социјалните медиуми и на различни форуми можат да се прочитат размислувања кои се „за“ и „против“ вакцинирањето, и речиси сите се добро издржани зошто ја застапуваат едната или другата страна. Но сепак, се поставуваат многу прашања.

Што е правилно, дали да ги вакцинираат децата или не? Дали аутизмот има некаква врска со вакцините? Дали родителите можат да си купат вакцини кои ги сметаат за поквалитетни, па да ги достават до здравствената институција?

Впечаток е дека нашите медицински лица, се за тоа, децата да се вакцинираат. Според нив, многу тешки детски болести се искоренети токму благодарение на вакцините. Доколку се престане со имунизација, постои ризик истите повторно да се појават.

Во однос на поврзаноста меѓу аутизмот и вакцинацијата, стручно, не можат да најдат никаква поврзаност меѓу вакцините и појавата на аутизмот. Според нив, кај детето мора да постои генетска предиспозиција за аутизмот, вакцината сама по себе не може да биде причинител за оваа болест.

„Аутизмот ретко може да се дијагностицира до втората година. Кога по две години коминукацијата и социјализацијата на децата е поизразена, тогаш може да се забележи дека нешто не е во ред.Може да се поклопи тој период детето да примало вакцина, па родителите да поврзат дека има нешто со тоа,“ вели матичниот лекар Иванка Ивановска.

Според нејзе, се уште не постојат медицински докази дека аутизмот е поврзан со MRP вакцината која најчесто ја доведуваат во врска со аутизмот.

ПОСТВАКЦИНАЛНИ РЕАКЦИИ НЕ СЕ ЧЕСТИ И ЗАВРШУВААТ БЕЗ ПОСЛЕДИЦИ

По повод актуелната тема за вакцинација се огласи и Клиниката за детски болести во која постои Отсек за несакани поствакцинални реакции, каде гравитираат сите пациенти кај кои се јавила посериозна несакана поствакцинална реакција. Покрај лекувањето, кај овие пациенти се врши иследување со цел да се откријат причините заради која што настанала несаканата поствакцинална реакција и се советува понатаму, како да се продолжи со имунизацијата.

„Обично локалните несакани реакции се лекуваат амбулантски, со совет за нега и терапија во домашни услови, а оние кои се генерализирани се упатуваат кај нас и обично биваат хоспитализирани. Кај нас се упатуваат пациенти со реакции од типот на покачена температура, вознемиреност, инапетенција, малаксаност, долготрајно високотонско плачење, па дури и појава на грчеви. Може да се пројават алергични реакции (осипи, уртикарии, отоци), или може да се манифестираат знаци за инфекција, па во тој случај е потребна голема стручност, искуство и одговорност за да се разграничи дали навистина се работи за поствакцинална реакција, независна паралелна акутна инфекција или алергиска реакција врзана со вакцината или не,“ велат од Детската клиника.

Кај нас нема посеба статистична анализа за да се каже точниот процент на несаканите поствакцинални реакции во нашата дрзжава, но сепак, според податоците од Клиниката тие не се чести и завршуваат без последици.Смртен случај, за среќа нема.

„Во последно време се повеќе се шири неоснован страв и фама од вакцината против морбили. Достапноста на медицинските и немедицински информации за вакцините во медиумите (особено сега со интернетот) и нивната интерпретација од нестручни и медицински необразувани лица, доведуваат до оправдана забуна, сомнеж и страв кај родителите, што преставува закана на целокупниот стратегиски план за заштита на пациентите поединечно, уривање на создавање на колективен имунитет и неможност за искоренување на соодветата болест на државно, но и глобално, светско ниво,“ реагираат од Клиника.

Од таму појаснуваат дека во секоја држава постои редовен календар за имунизација, кој е приготвен и одобрен од најкомпетентните структури во државата, а кој се базира на принципите за добробит на населението, а секако според можностите во дадениот момент. Во светот, со брзиот развој на медицината, секако доаѓа до усовршување на вакцините ( со цел да се зголеми ефикасноста а да се намали ризикот од појава на несаканите поствакцинални реакции), како и создавање на нови вакцини кои една по една се внесуваат во редовниот календар.

Родителите го носат стравот од „опасноста” од вакцините по здравјето на своите деца, но исто така ја носат и одговорноста за последиците по здравјето од неспроведената имунизација не само на нивните деца туку и сите други членови во општеството.

„Како имунолог-педијатар, од имунолошки аспект, можам да се произнесам за позитивните ефекти од вакцинирањето, во смисол на стимулирање на зреењето на имуниот систем во детската возраст воопшто, но и стимулирање на создавање на специфична отпорност кон одредени болести кои се фатални, особено во детската возраст. Донесување на одлука дали ќе се спроведува вакцинација или не, кои болести ќе се превенираат, кои микроорганизми би требало да бидат искоренети на глобално ниво е многу сериозен пристап, во кој учествуваат повеќе експерти од своите области на ниво на државата, регионот и светот. Ако сакаме да сме дел од светот, треба да ги почитуваме „светските” одлуки и правила. Веќе ги „гледаме” позитивните ефекти од вакцинациите. Најдобар пример за тоа е што денеска немаме веке вариола вера никаде во светот. Човекот успеа да ја искорени оваа болест,“ вели директорката на Клиниката за дестки болести и доц. д-р сци. Аспазија Софијанова.