Детска ликовна работилница во Капитол Мол

Во следниве два викенда, во Капитол мол ќе се одржи Детска ликовна работилница, на која ќе учествуваат ученици од неколку основни училишта од скопската општина Аеродром. 

Првиот дел од работилницата ќе се одвива на први и втори февруари, додека вториот дел е планиран за осми и девет февруари. Работилницата ќе се одржува по два часа дневно, од 12,00 до 14,00 часот. Ќе ја води академскиот сликар и ликовен педагог м-р Тони Шулајковски, а е во соработка со Просветно дело.

Цртежите што ќе бидат изработени ќе бидат изложувани во Капитол мол. Секој заинтересиран посетител на Капитол мол ќе може да откупи некој од изложените цртежи по доброволно изразена цена и средствата веднаш да ги донира на специјално поставените каси за донација на Првата детска амбасада Меѓаши.

„Големо задоволство за мене е што ќе ја водам креативната ликовна работилница во Капитол мол, затоа што на тој начин учествувам во промовирање на креативните вредности на децата, што е особено значење за сите нас кои живееме во Македонија. Капитол мол со вакви и слични проекти од естетски области, станува место за изразување и дружење на дечињата од градот и пошироко. Од друга страна, за мене е голем предизвик да работам со деца, затоа што тие ги сликаат своите најскриени фантазии и желби за светот што ги опкружува“, вели сликарот Тони Шулајковски.

На работлница ќе учествуваат вкупно 250 деца од основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Љубен Лапе“, „Ѓорѓија Пулевски“ , „Блаже Конески“ и „Лазо Ангеловски“. Тие на хартија ќе ги пренесат импресиите од зимскиот распуст.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.