Детската болница во Козле отворена за пациентите

Пациентите од денеска ќе можат да ги добиваат здравствените услуги во новата Детска болница во Козле, единствена од ваков тип кај нас и една од најмодерните во регионот.

– Денеска беа примени првите пациенти. Имаше 49 пациенти закажани на „МојТермин“ и 10 ургентни пациенти. На сите им е дадена здравствена услуга. Болницата е најсовремена, со најдобри услови. Очекувам дека со ова и персоналот, но и пациентите ќе имаат многу подобри услови и за добивање здравствена услуга, но и за давање здравствени услуги, изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска ја посети оваа јавна здравствена установа.

Тој посочи дека стариот објект бил пуштен во употреба во 1965 година и оттогаш до изградбата на новата болница имало многу малку или речиси никакви интервенции и бил во лоша инфраструктурна состојба што влијаело и на нивото на квалитетот на здравствените услуги кои се давале.

– Сега имаме најсовремена болница со најсовремени услови, која ќе овозможи сведување на минимум на сите несакани случувања од интрахоспитални инфекции до подобра организација на работата…, рече Тодоров.

Посочи дека очекува оти болницата ќе работи со што е можно помалку деца, но оние кои ќе дојдат во неа ќе добијат врвна здравствена заштита дадена од одлично обучен медицински тим со квалитетна опрема и во квалитетна здравствена инфраструктура.

Директорот на Детската болница во Козле, Оливер Зафировски рече дека секое дете во болницата првпат ќе биде со својата мајка придружник, за деца до три години нема ништо да се плаќа. Нема, посочи, да го има она делење кое беше многу тешко.

– Порано имавме само 30 деца со мајки, а останатите 110 деца беа без мајка придружник. Сега секое дете ќе биде во двокреветна или еднокреветна соба и со мајка придружник, додаде Зафировски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.